• Иван Димовски
Ајакс повторно направи тренерска промена и реши да го прекине ангажманот со Фред Грим по серијата лоши резултати. Амстердамскиот клуб соопшти дека до крајот на сезоната првиот тим ќе го води Шпанецот Оскар Гарсија.
Поранешниот фудбалер на Барселона, кој има 52 години, во клубот пристигна минатиот месец за да го преземе вториот тим, но по последните случувања веднаш е промовиран во тренер на сениорскиот состав. Поразот од Гронинген со 1-3 викендов беше последната капка, па Ајакс падна на 5. позиција со 44 бода. Тимот има голем дефицит зад лидерот ПСВ Ајндховен, но и натаму се надева на место кое води во европските натпреварувања.
Oscar García will take over Fred Grim’s duties. The head coach of Jong Ajax will, with immediate effect, take charge of Ajax’s first team. Grim will return to his role within the Ajax academy.
— AFC Ajax (@AFCAjax) March 8, 2026
Грим го напушта клубот по слабата форма, со само една победа на последните седум натпревари, иако претходно имаше добар период околу новогодишните празници. Тој ќе се врати на работата во младинските сектори на Ајакс, откако неполни месеци го водеше првиот тим.
За Гарсија ова ќе биде нов предизвик во богатата тренерска кариера, во која ги водеше Макаби Тел Авив, Брајтон, Вотфорд, РБ Салцбург, Сент-Етјен, Олимпијакос и Селта. Интересно е што тој ќе стане осми тренер на Ајакс од заминувањето на Ерик тен Хаг во 2022 година, период во кој клубот од Амстердам остана без трофеј.



