Мак-фудбалот далеку од европски: Само 1,4 милиони долари од трансфери во 2021!

Светската куќа на фудбалот (ФИФА) го објави списокот на држави и трансферите кои се направија во 2021 година, а Македонија е далеку од европскиот крем и дури и од оние стандардни европски земји, затоа што домашниот производ не вреди.

Имено, во 2021 година, во Македонија регистрирани се 83 трансфери кои влегуваат во земјата и 80 трансфери кои излегуваат од земјата. За тоа, клубовите заработија само 1,4 милиони долари. Од она што неофицијално се говори, половина од оваа сума е за Работнички, кој го продаде Лука Станковски за нешто повеќе од 650.000 долари во турски Газијантеп.

Колку за илустрација, во регионот Бугарија заработи 13,8 милиони долари, Грција направи извоз на играчи кој го наплати со 60,3 милиони долари, Србија има 16,9 милиони долари, Романија има 36,8 милиони долари. Најдобро котира Хрватска, чии клубови добија 74,2 милиони долари од трансфери.

Во 2021 година направени се вкупно 18.068 интернационални трансфери. Вкупно, потрошени се 4,86 милијарди долари на нови играчи. Најскапиот трансфер за 2021 година го има Ромелу Лукаку од Интер во Челзи, потоа следи Џејдон Санчо (Дортмунд - Ман. Јунајтед), додека третопласиран е Ашраф Хакими (Интер - ПСЖ).

Најмногу во 2021 година се купувале Бразилци - вкупно 1,749 играчи, пред Аргентина (896 играчи) и Велика Британија (837 играчи). Во ТОП-10 селекциите од регионот највисоко котира Србија која е на деветтото место со 446 играчи од земјата кои направиле трансфер. Најмногу се платило за Французите - вкупно 643,6 милијарди евра.