• Саше Љолес
Хрватскиот фудбалски гигант, Динамо Загреб, јавно ги изнесе своите финансиски извештаи за минатата година, во кои јасно се гледа дека „модрите“ имаат убедливо најголема заработка од сите останати клубови во регионот.
Динамо пријавил чист профит од 8.169,679 евра, што претставува раст од дури три милиони евра во споредба со 2023 година. Најголем дел од приходите доаѓаат од влезници и членарини, а овој износ достигнал нешто над 6,5 милиони евра, додека претходната година оваа сума била за скоро 50% пониска.
Новиот демократски пристап на управата привлече многу повеќе публика на „Максимир“, се зголеми интересот и за сезонски билети, така што Динамо може да се пофали со одлична фан-база и големи финансиски придобивки од своите навивачи.
Учеството во Лигата на шампионите и еврокуповите на клубот му донесе „колач“ од 27 милиони евра, додека средствата од регионалните ТВ-права изнесуваат 1,2 милиони евра. Што се однесува до трансферите, Динамо не пријави огромна заработка како во некои други години, но тоа се оправдува со фактот што клубот не сакаше да продава фудбалери за да не го ослаби играчкиот кадар.