• Зоран Мишевски

Сосема е извесно дека во тренерската кариера на Карло Анчелоти најголема „рана“ ќе биде поразот на Истанбул од Ливерпул во финалето на Лигата на шампионите во 2005 година. Овој пораз на клупата на Милан е негов единствен неуспех во финалето на елитното фудбалско натпреварување.
Анчелоти ретко губи во финале, но вечерашниот дебакл против Барселона во Џеда (5-2) во шпанскиот Суперкуп уште еднаш потврди една малку необична статистика кога се во прашање резултатите на италијанскиот стручњак. Анчелоти секогаш го губи финалето за трофејот на шпанскиот Суперкуп кога се игра во непарни години, а и оваа година го потврди тоа, бидејќи неговиот тим изгледаше целосно загубено во поголемиот дел од натпреварот против избраниците на Ханси Флик.
Пред две години, Реал на Анчелоти загуби од Барселона во Ријад со 3-1, а пред точно една деценија беше поразен од Атлетико со 1-0 во реванш финалето на Суперкупот. Херој во тимот на Диего Симеоне тогаш беше Марио Манџукиќ, кој го реши победникот уште во раната фаза на натпреварот на „Висенте Калдерон“.
Што се однесува до пaрните години Реал славеше во финалето на шпанскиот Суперкуп во 2022 и 2024 година.