ВИДЕО: Продолжува мизеријата на Интер, Кротоне и Зенга однесоа бод од „Сан Сиро“

Продолжува агонијата на Интер во новата 2018 година. И против аутсајдерот Кротоне, воден од поранешната легенда на „неро-азурите“ Валтер Зенга, домашната публика не се радуваше на победа, откако натпреварот заврши без победник 1-1 (1-0).

Спалети мораше да го трансформира тимот, бидејќи заради повреда нападот не го предводеше капитенот Икарди, туку Едер. Токму поранешниот фудбалер на Сампдорија во 23. минута го искористи центрашутот на Брозовиќ по корнер од левата страна и со глава ја смести топката во мрежата на Кордаз (1-0).  

Валтер Зенга на почетокот од второто полувреме направи замена, ја ориентира екипата поофанзивно и по една мешаница во домашниот казнен простор, топката среќно стигна до Барберис, кој ја втурна во мрежата на Хандановиќ и израмни на 1-1. 

Спалети веднаш го повлече Кандрева и му даде шанса на засилувањето од Барселона, Рафиња. Брозовиќ двојно проигра со Д’Амброзио и биеше во 70. минута, но го префрли голот на Кротоне. Четири минути подоцна се обиде и Едер, но неговиот удар од блокот заврши во корнер. Гостите беа повлечени, но опасно возвраќаа од контра напади и лесно можеше да го однесат целиот плен. 

Ниту четири минути надополнување не донесоа промена на резултатот и цели осум натпревари Интер не знае за победа и тоне на табелата во Серија А. Утре и в понеделник се играат преостанатите натпревари од 23. коло на шампионатот на Италија