ВИДЕО: Продолжи агонијата на Милан во Торино, Кин е „златното момче“ на Јуве!

Во дерби натпреварот на 31. коло во Серија А, на „Јувентус Алијанц Стадиум“ во Торино, фудбалерите на Јуве славеа пресврт победа против Милан од 2-1 (0-1) и уште утре можат да слават нова титула, доколку Наполи загуби од Џенова. Со денешниот пораз, „росонерите“ ја продолжија серијата порази од „бјанконерите“ на гостински терен во италијанскиот шампионат, која трае од 2011 година.

  • Извештај од натпреварот:

Уште од самиот старт на натпреварот Милан најави дека не е дојден со бело знаменце и преку Пјонтек во третата минута ја имаше првата голема шанса. Јувентус во првиот половина час делуваше загубено и не успеваше да ја наметни својата препознатлива игра. Во 25. минута Алегри мораше да прави и принудна измена, на местото на повредениот Емре Чан во игра го внесе Сами Кедира.

И во централниот дел на првиот дел Милан продолжи да игра подопадлив и покомбинаторен фудбал, а тоа резултираше и со погодок на Кжиштоф Пјонтек, кој во 39. минута го матира Шчесни со удар од работ на шесаесетникот. По примениот погодок Јуве тргна во напад, а во 48. минута од првиот дел, Марио Манџукиќ одлично биеше со ножички, но Реина со пантерски скок спречи израмнување.

Вториот дел започна со подобра игра на избраниците на Гатусо, но обидите на Пјонтек беа безуспешни, а тоа сурово беше казнето во 59. минута. Пауло Дибала одлично истрча во контра, Матео Пабло Мусакио неспретно реагираше во шеснаесетникот, а главниот судија Фабри без двоумење досуди пенал за Јуве, кој успешно го реализираше самиот Дибала (1-1).

По израмнувачкиот погодок следеше отворена игра со шанси на двете страни. Најпрво за Милан се закани Чалханоглу, а веднаш потоа на спротивната страна шанса за целосен пресврт пропушти Бентакур. Во продолжение прилика за настап кај „старата дама“ доби и Моизе Кин, а како одминуваше натпреварот Јуве се повеќе го зголемуваше притисокот кон голот на Реина. Токму Моизе Кин, во 84. минута ја искористи асистенцијата од Миралем Пјаниќ и во манир на расен стрелец го матира Пепе Реина и донесе целосен пресврт (2-1).

Во финишот Милан се обидуваше да стигне барем до израмнување, но обидот на Чалханоглу во 90. минута, голманот на Јуве одлично го одбрани и го трасира патот на својот тим кон нова голема победа.

Следен предизвик за тимот на Јувентус е дуелот од Лигата на шампионите против Ајакс, а потоа следи дуелот со СПАЛ во Серија А. Милан во следното коло битката за пласман во Лигата на шампионите ќе ја продолжи со дуел на „Сан Сиро“ против тимот на Лацио.