Проблемите во Интер не запираат - Конте е во „војна“ со челниците на клубот

Антонио Конте е познат по своите контроверзни изјави, бидејќи пред медиумите никогаш не ги штеди своите соработници, па дури ниту директори во клубовите каде што работи. Италијанецот, иако е одличен стратег и добро ја постави играта на Интер, би можел по само една сезона да го напушти Милано. Конте веќе долго води „војна“ против Бепе Марота, а според најавите, гласно зборува и за отсуството на Стивен Жанг кој не е често присутен во Италија. 

Јасно е дека тој во огромна мера ги налути челниците, кои сепак се пред голема одлука. Дури и да се решат да го отпуштат, во случај Конте да не пронајде нов ангажман, ќе заработува преку 11 милиони евра годишно, колку што вреди неговиот договор со Интер. 

Иако доби звучни имиња како Ромелу Лукаку и Кристијан Ериксен, Конте е незадоволен и бара промени и „поширока“ клупа. Освен тоа, Италијанецот е незадоволен од односот кој го има со Марота, лошата ситуација во клубот, отсуството на Жанг, па дури и доаѓањето на Ериксен кој не може да се вклопи во неговата филозофија. 

Останува да видиме дали Конте, Марота и Жанг ќе пронајдат заеднички јазик да коегзистираат во Интер, бидејќи со сигурност огромен удар за клубот би бил доколку мора да го отпушти каризматичниот тренер.