Проблеми за Пирло, Роналдо нема да игра во дербито со Аталанта

Екипата на Јувентус ја очекува незгодно гостување во Бергамо кај Аталанта утре во терминот од 15:00 часот, а предводникот на „старата дама“ пренесе лоши вести. 

Имено, за утрешниот дуел нема да биде на располагање Кристијано Роналдо, кој заработил повреда на некој од претходните тренинзи. Пирло потврди дека Португалецот превентивно нема да биде во тимот, а ја најави и неговата замена. 

„Ќе имаме значајно отсуство. Кристијано нема да биде дел од тимот за дуелот со Аталанта поради проблеми со флексорот на ногата. Ризично е да игра во Бергамно, но се надеваме дека ќе се врати до среда. Натпреварот ќе го започне Пауло Дибала“, изјави Пирло. 

На Пирло, освен Дибала, од напаѓачите ќе му биде достапен и Алваро Мората, додека надвор од тимот ќе биде и Бернардески, кој е позитивен на ковид-19. Од друга страна Гасперини нема да смета на Ханс Хатебоер и Кристијан Ромеро. 

Јувентус и Аталанта се во мртва трка со Милан за второто место. Екипата од Торино има еден бод помалку од „росонерите“, а еден повеќе од утрешниот противник.