Проблеми за Милан: Златан Ибрахимовиќ е позитивен на ковид-19

Откако вчера стоперот на Милан, Лео Дуарте беше дијагностициран позитивен на ковид-19, сега многу поголеми проблеми се појавија за Стефано Пиоли. 

Златан Ибрахимовиќ добил позитивен тест на коронавирусот и веднаш отпадна од конкуренција за денешната средба од квалификациите за Лигата на Европа против Бодо Глимт.

Клубот преку официјално соопштение ја потврди оваа информација и напиша: 

„Златан Ибрахимовиќ беше тестиран позитивен на вирусот ковид-19, во рамките на второстепеното тестирање пред денешната средба со Бодо Глимт. Клубот ги информираше надлежните и играчот беше сместен во самоизолација. Сите останати членови на првиот тим беа негативни“. 

Тренерот Пиоли за натпреварот против норвешкиот претставник не може да смета ниту на Анте Ребиќ кој има суспензија уште од настапите во Ајнтрахт Франкфурт, додека непозната е ситуацијата со Рафаел Леао, кој исто така имаше коронавирус. Очигледно, во шпицот на нападот ќе се најде младиот Лоренцо Коломбо.