Проблеми за Чоло во клучниот дел од сезоната, Суарез се повреди на тренинг

Екипата на Атлетико Мадрид изнесе лоши вести до своите фанови, откако објави дека Луис Суарез заработил повреда на тренинг. 

Медицинскиот тим морал веднаш да интервенира, а Уругваецот има повреда од мускулна природа на левата нога. На денешниот тренинг, Суарез се пожалил на болки и добил поштеда од Диего Симеоне, па сега се очекува потврда околу сериозноста на ситуацијата.

„Медицинскиот тим на тестовите утврди дека Луис Суарез има повреда на мускулите во левата нога. Фудбалерот по болки на денешниот тренинг, беше подложен на прегледи, а се чека исходот од ситуацијата“, напишаа од клубот. 

Атлетико е во проблеми, повеќе нема огромна предност на врвот на Примера и поради лошата форма им дозволи на Реал Мадрид и Барселона да се вклучат полноправно во битката за титулата. „Јорганџиите“ ќе мора да се вратат на играта од пред неколку месеци, ако сакаат да ја одржат лидерската позиција. Од рака им оди фактот што викендов меѓусебе играат токму ривалите во второто „Ел Класико“.