Проблеми за Челзи по победата над Јуве: Чилвел и Канте неизвесни за дербито со Јунајтед

Лондонски Челзи демонстрираше моќ против Јувентус во Лигата на шампионите и со убедливата победа од 4-0 го трасира патот до осминафиналето во елитата. Но, трите бода против „старата дама“ може да чинат скапо, затоа што се чека на точната проценка на повредите на Бен Чилвел и Н'Голо Канте.

Двајцата поради повреди предвреме го напуштија мечот на „Стемфорд Бриџ“, Канте беше заменет во финишот на првото полувреме, додека Чилвел надвор од игра излезе во 71. минута.

„Бен почувствува остра болка во коленото, додека Н’Голо малку го искриви коленото. Штета, тоа е лоша вест, Н’Голо беше многу добар пред да излезе, а Чилвел е во фантастична форма“, кажа Томас Тухел.

Повредите на двајцата првотимци доаѓаат во незгоден момент за „сините“ и Тухел, затоа што викендов ги чека дерби со Манчестер Јунајтед.