• Саше Љолес

Ужасни вести за навивачите на Арсенал доаѓаат од Англија. Тренерот Микел Артета денес ја дознал веста дека нивниот одличен бек Такехиро Томијасу ќе го пропушти остатокот од сезоната поради повреда на коленото.
Јапонскиот репрезентативец денес беше подложен на оперативен зафат, затоа што лекарите констатирале дека повредата била многу посериозна од она што се прогнозираше првично. Томиасу беше заменет на натпреварот со Спортинг уште во деветтата минута и навивачите стравуваа за исходот од неговата повреда, а денес само се потврдија најлошите предвидувања.
Тимот од Лондон на својата официјална страница објави дека „повредата на коленото е мошне сериозна и со големо жалење соопштуваме дека сезоната за Томијасу е завршена“. Ова доаѓа како голем удар за тимот на Артета, кој е лидер во Премиер лигата со пет бодови предност во однос на Манчестер Сити.
Такехиро Томијасу беше скоро незаменлив дел од стартниот тим на „топџиите“ и сезонава одигра 21 натпревар во домашното првенство, а со неговото отсуство значително се намалува дефанзивната ротација на Арсенал.