Проблем за ФИФА, Кина и Индија не плаќаат за мундијалските ТВ-права!

Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) се соочува со неочекувани проблеми во пресрет на Светското првенство, откако сè уште нема договори за телевизиски права во Кина и Индија - два исклучително големи и богати пазари.

Иако ФИФА веќе обезбеди договори во повеќе од 170 земји, преговорите со овие две држави сè уште траат и се далеку од финален исход.

Главниот проблем е финансискиот јаз меѓу барањата на ФИФА и понудите на телевизиските компании. Во Индија, понудата била значително пониска од очекуваната, поради што не бил постигнат договор.

Дополнително, интересот на пазарите не е на очекуваното ниво. Во Индија, фудбалот е во сенка на крикетот, додека термините на натпреварите (поради домаќинството во Северна Америка) не се поволни за гледачите.

Во Кина, пак, сè уште нема официјален носител на правата, иако во минатото тие беа обезбедувани многу порано.

Поради ваквата ситуација, постои реална опасност стотици милиони навивачи да останат без можност да го следат Светското првенство, што би претставувало сериозен удар за глобалната гледаност на турнирот, но и за самата ФИФА, која секогаш очекува масовна заработка од Мундијалите.