• Саше Љолес
Репрезентацијата на Шпанија би можела да биде ослабена на почетокот на Светското првенство, откако се појавија информации дека Ламин Јамал сè уште не е целосно подготвен по повредата заработена во финишот на сезоната.
Младиот ас на Барселона веќе неколку недели е во процес на рехабилитација по проблемите со задната ложа и мускулот на бутот, а лекарските тимови на клубот и репрезентацијата внимателно ја следат неговата состојба.
Според најавите од Шпанија, постои можност селекторот Луис де ла Фуенте да не ризикува со Јамал на стартот на Мундијалот, со цел целосно да се избегне евентуално обновување на повредата. Во Барселона наводно инсистираат фудбалерот да не биде изложен на преголем напор веднаш по закрепнувањето.
Доколку не биде подготвен за првите натпревари, Јамал би можел да им се приклучи на соиграчите подоцна во групната фаза, кога ќе биде стопроцентно „фит“ и подготвен за настап.
И покрај неизвесноста, во шпанскиот табор владее оптимизам дека еден од најголемите таленти во светскиот фудбал ќе биде подготвен за најважниот дел од турнирот. Неговото присуство е од огромно значење за амбициите на „црвената фурија“, која важи за еден од фаворитите за освојување на светската титула.
Конечната одлука околу настапот на Јамал на првите натпревари ќе биде донесена непосредно пред почетокот на шампионатот.













