• Мартин Танасковски
Екипата на Реал Мадрид би можела да се соочи со сериозни кадровски проблеми во пресрет на натпреварот против Селта Виго, откако дури десет фудбалери се под знак прашалник за настап.
Според информациите во шпанските медиуми, листата на отсутни или неизвесни играчи е исклучително долга и опфаќа неколку носители на играта. Меѓу нив се Родриго, Давид Алаба, Асенсио, Килијан Мбапе, Џуд Белингем, Едер Милитао и Дани Себаљос, кои имаат проблеми со повреди од различен интензитет. Дел од нив се во процес на рехабилитација, додека за други ќе биде донесена одлука непосредно пред почетокот на средбата.
Дополнителен удар за тренерскиот штаб претставуваат и суспензиите. Хујсен, Карерас и Мастантуоно нема да можат да конкурираат поради дисциплински санкции, што дополнително го стеснува изборот.
Натпреварот против Селта доаѓа во период на згуснат распоред и борба за врвот на табелата, што ја зголемува важноста на секој бод за кралскиот клуб кој во минатото коло дома загуби од Хетафе.




