Пристигна потврдата: Спировски три години во Хапоел Тел Авив!

Македонскиот репрезентативец Стефан Спировски и официјално во новата сезона ќе биде дел од израелскиот шампионат. Откако уште пред неколку дена ги финализира сите услови, денес израелскиот прволигаш Хапоел Тел Авив го потврди трансферот на нашиот играч за врска. 

Двете страни се договорија на тригодишен договор, а Спировски по репрезентативните обврски веднаш му се стави на располагање на новиот тим.

Во редовите на Хапоел, македонскиот фудбалер се сели од Ференцварош. 29-годишниот Спировски пристигна во Ференцварош од македонски Вардар, а претходно настапуваше за Берое, Работнички, Борац Чачак и Пелистер.

„Нестрплив сум да дојдам на новиот стадион и да се запознаам со навивачите. Верувам дека сите заедно ќе им донесеме многу радости во текот на сезоната“, кратко изјави Спировски.

Хапоел има само еден освоен бод по првите две кола во шампионатот на Израел. Се очекува битолчанецот да дебитира в сабота од 18:00 на домашниот натпревар на Хапоел Тел Авив и Нес Циона.