• Мартин Танасковски
Екипите на Македонија ЃП и Академија Пандев одиграа еден неатрактивен дуел во Скопје кој заврши без голови и ги разочара љубителите на фудбалот во ПМФЛ (0-0). Сериозните шанси за гол се броеја на прсти, па ремито е сосема реален исход во домот на „лавовите“.
Натпреварот започна со повисоко темпо од страна на Академија Пандев. Струмичани притискаа пред голот на „лавовите“, но реализацијата не беше на посакуваното ниво. Имаа „пандевци“ неколку полушанси, а најдобрата беше на Кристијан Велиновски, кој биеше силно крај дирекот од голот на Христијан Стевковски.
Македонија ЃП чекаше на контра, но не ја доби затоа што средниот ред на Академија Пандев ги отсекуваше сите обиди да се развие контранапад. Најдобрата шанса домашниот тим ја имаше пред финишот на првиот дел, кога Филип Алексовски се обиде да погоди со глава по еден корнер, ама топката заврши во пречката од голот на Академија Пандев.
Вториот дел беше доста здодевен, без сериозни можности. Двете екипи се надигруваа и беше доста груба играта. За одбележување беше влегувањето на 17-годишниот Дарко Сековски, кој го забележа дебито за првиот тим на Македонија ЃП.
„Лавовите“ со ова реми се шести на табелата во ПМФЛ со 33 бода, додека Академија Пандев останува деветта со 22 бода, четири повеќе од десеттиот Скопје и позицијата која води во баражот за опстанок. Во следното коло Македонија ЃП гостува кај Силекс, а Академија Пандев гостува кај Скопје.