• Саше Љолес
Македонската фудбалска репрезентација одигра бледо прво полувреме на натпреварот против Летонија во петтото коло од Лигата на нации. „Рисовите“ имаа неколку изгледни прилики за гол на студеното време во Скопје, но до паузата мрежите останаа во мирување (0-0).
Натпреварот започна со помалку мирно темпо на двете страни, но нашите фудбалери беа поконкретни во првите десетина минути. Најпрво Александар Трајковски се закани од далечина со левата нога, но шутот мина крај стативата. Македонија одигра уште една солидна акција по која Дарко Чурлинов се обиде со глава да го матира голманот Матревикс, а топката заврши над пречката.
Веднаш потоа Летонија сериозно се закани кон нашиот гол, Димитриевски ја одби топката која дојде до Дашкевич, но ударот заврши во надворешниот дел од мрежата. Набргу нова шанса за нашиот состав, Бојан Миовски ја погоди стативата од само 3-4 метри, но напаѓачот на Џирона беше во недозволена позиција.
Делувавме за нијанса подобро од ривалот, но потоа следуваше мал пех со повредата на Ељиф Елмас, кој го напушти теренот во 23. минута и му го отстапи местото на Лирим Ќамили. Летонија заигра малку подобро, создаде уште една добра шанса за гол, но шутот на Ситс заврши високот над голот на Димитриевски. Гостите често продираа по левата страна со брзи противнапади, додека нашата одбрана беше на висина на задачата и не дозволуваше големи изненадувања во шеснаесетникот.
Времето полека одминуваше, возбудата малку замре во следниот период, па стануваше јасно дека неколкуилјадната публика на Арената „Тодор Проески“ нема да види гол во првите 45 минути. Иако одигравме квалитетно во последните пет минути, притиснавме и имавме уште две добри шанси преку Трајковски и Алими, сепак резултатот не се промени и на паузата екипите заминаа со почетните 0-0.