Приказната за Горан Пандев во Серија А никогаш не завршува

Горан Пандев Џенова

Италијански „Скај Спортс“ напиша интересна статија со која му оддаде почит на „вечниот“ Горан Пандев. Македонскиот репрезентативен капитен ја пронајде вистинската форма во новата 2018 година и моментално е еден од најозборуваните фудбалери во Серија А.

Искусниот струмичанец игра во италијанското првенство од 19 години, односно активно е вклучен во италијанската елита цели 15 сезони. Освојувал титули со Лацио, Интер и Наполи, а пред себе го има предизвикот наречен Џенова, која се бори за опстанок во лигата.

Неговиот кам-бек го одушеви италијанскиот фудбал, а фасцинира и неговата физичка подготвеност, која повторно го прави важна алка во еден клуб по далечна 2012/13, кога за Наполи одигра 25 натпревари од првата минута. Тренерот Давиде Балардини неодамна јавно изјави дека жали што Пандев на бил често неговиот прв избор за нападот. Затоа, неговиот просек од 34 минути порасна на 76, што не е лесно да се постигне ако сте фудбалер на крајот од својата професионална кариера.

Минатата година, македонскиот фудбалер беше невидлив цела сезона, а на крај беше еден од хероите за опстанокот на Џенова во првата италијанска лига. Во последните три месеци тој постигна три гола, кои ѝ донесоа на екипата девет значајни бода за оддалечување на зоната за испаѓање. Пандев е „виновен“ за 30% од бодовите на тимот, што само ја докажува неговата преродба оваа сезона.

Сега останува своја форма да ја пренесе во македонската репрезентација, која се надева на голем успех во престојната Лига на нации. Пандев би требало да биде лидер на комбинираниот состав од млади и искусни фудбалери предводени од Игор Ангеловски, а евентуалниот успех би бил одличен додаток на неговата богата кариера.