Претставен новиот тренер на Елмас во Наполи: „Екипата наликува на мојот вкус“

По (не)очекуваното заминување на Џенаро Гатузо и шокот во последното коло од последното издание на Серија А, Наполи „сврте нов лист“ и денес ја започна ерата Спалети. Искусниот стручњак од Тоскана, се спушти на југот на Италија, победувајќи ја конкуренцијата на Серџо Консеисао. 

На претставувањето пред медиумите 62-годишниот стручњак изјави:

„Наполи е силен и моќен клуб и едвај чекам да започнам со работа. Ми се допаѓа екипата која ја затекнав, па дури и може да кажам дека наликува на мојот вкус. Работев во Санкт Петерсбург, Рим, Милано. Чест ми е што сега дојдов во Неапол. Треба сите да докажеме дека сме достојни за Наполи, а резултатите се единствен пат за тоа. 

Се слушнав со Инсиње и му честитав на голот против Белгија. Чекам да се врати во Неапол, па да разговараме заедно околу иднината. Следната сезона нема да се откажеме од ништо. Лига Европа е реална цел, но тука е и Серија А и Копа Италија“.

Откако работеше со Анчелоти и Гатузо (го освои Купот на Италија), Елмас за првпат ќе соработува со Спалети, кој се обврза на тригодишен договор со клубот од под Везув. 

Прочитајте повеќе околу тековните трансфери во Македонија и светот на ОВОЈ линк.