Претставен Де Роси: Сакав да играм за Бока на 20, 30 или 35 години!

Одамна не се случила ваква фудбалска грозница за потпис на еден професионален фудбалер кој засилува еден од гигантите на Буенос Аирес, како вчерашниот ден кој донесе премин на Даниеле Де Роси во Бока Јуниорс. 

Откако Рома реши да не го продолжи договорот со Де Роси, тој по 18 години поминати во матичниот клуб се реши кариерата да ја продолжи во Бока Јуниорс.

Де Роси ги помина медицинските прегледи и стави потпис на едногодишен договор со аргентинскиот гигант.

„Сакав да играм за Бока на 20, 30 или 35 години. Исполнив една моја голема желба. Сакам да играм меч против Ривер на „Бомбонера“. Кога го видов стадионот, снемав воздух во мене“, краток беше Де Роси.

Спортскиот директор на Бока, Николас Бурдисо, кој пет години играше со Де Роси во Рома, го исполни ветувањето пред неколку месеци кога најави дека ќе го донесе капитенот на „волчицата“ во Буенос Аирес.