ВИДЕО: Пулгар даде ефектен гол од слободен, Фиорентина загуби од Милан

Фудбалерите на Милан победија на тешкото гостување на „Артемио Франки“ со 2-3 (1-1), со што го искористија киксот на Јувентус и неиграњето на Интер, па се приближија на минус шест до врвот во Серија А. 

Средбата во Фиренца беше исклучително содржајна, бидејќи освен петте погодоци понуди и многу шанси на двете страни, а неколку пати се тресеше и рамката од двата гола. Милан прв поведе, па „виола“ врати со пресврт, но „росонерите“ успеаја во својата намера и победија на крајот. 

  • Извештај од натпреварот: 

Резултатот на „Артемио Франки“ го отвори Златан Ибрахимовиќ, откако искористи долга топка од Кјаер, се проби низ одбраната и реализира од зицер позиција (0-1). Сепак, радоста на Милан траеше кратко, бидејќи Ерик Пулгар успеа да постигне неверојатен гол директно од слободен удар. Иако беше од косо, играчот за врска погоди во самиот агол и го матира Донарума (1-1). До паузата на двете страни се тресеше пречката од голот, а голем пех за Фиорентина беше повредата на голманот Драговски. 

На стартот од продолжението Франк Рибери успеа да го сврти резултатот за Фиорентина и на семафорот од 51. минута стоеше 2-1. Сепак, ниту домаќинот не се радуваше долго на предност, бидејќи Брахим Диаз успеа да израмни веќе во 57. По корнер, Кјаер ја запиша втората асистенција откако од него се одби топката и заврши пред младиот Шпанец, кој ја смести во мрежата. 

Милан тргна да напаѓа, Ибрахимовиќ од неверојатна позиција од косо, во обид да нафрли имаше шанса да даде ефектен гол, ама топката заврши во стативата. „Росонерите“ успеаја да направат пресврт преку Хакан Чалханоглу. Турскиот плејмејкер доби топка некаде околу линијата на шеснаесетникот од Кеси, па пласира во спротивниот агол за 2-3 во 73. минута од средбата.