• Саше Љолес
Ситуацијата меѓу управата на Наполи и Белгиецот Ромелу Лукаку станува сè покомплицирана и води кон можна разделба, иако пред само два дена беше објавено дека страните ги „закопале секирите“.
Белгискиот напаѓач се најде во сериозен конфликт со клубот откако не се појави на тренинзите во предвидениот рок, што предизвика бурна реакција кај раководството. Како последица, Наполи му изрече висока парична казна, испраќајќи јасна порака за дисциплина и почитување на клупските правила.
Проблемите дополнително се продлабочиле бидејќи Лукаку самоволно одлучил да остане во Белгија за рехабилитација, без целосна координација со клубот. Овој потег бил протолкуван како непочитување на договорените обврски и ја нарушил довербата меѓу двете страни.
Иако се очекуваше напаѓачот да се врати и повторно да му се стави на располагање на тимот, атмосферата во клубот не е идеална. Во меѓувреме, неговиот придонес сезонава е ограничен, делумно поради повреди, што дополнително ја става под знак прашалник неговата улога во иднина.
Во вакви околности, сè поизвесно е дека летниот преоден рок може да донесе разделба, со што би завршила турбулентната епизода на Лукаку во Наполи. Според последните информации, Лукаку е казнет од управата со 150.000 евра, односно 20% од неговите месечни примања, а наскоро ќе му биде соопштено и дека е слободен во потрагата по нова средина.













