Пресврт на ситуацијата: Ренџерс нема да го пушти Миовски да си оди!?

Македонскиот центарфор Бојан Миовски најверојатно ќе остане во Глазгов Ренџерс и по јануарскиот преоден рок, откако повредите во напаѓачката линија значително ги променија плановите на шкотскиот гигант, пренесува „Football Insider“.

Македонскиот репрезентативец во средината на неделата го постигна победничкиот гол против Сент Мирен, што беше негов прв погодок за Ренџерс уште од средината на април. Миовски досега тешко доаѓаше до минутажа поради големата конкуренција во нападот, каде предност имаа Лоренс Шенкланд, Рајан Надери и летното засилување Кевин Келси.

Сепак, ситуацијата се промени по сериозната повреда на новиот капитен Шенкланд, кој ќе отсуствува околу три месеци поради повреда на задната ложа. Со тоа се отвора простор Миовски да добие многу поголема улога во тимот во наредниот период.

Според истиот извор, токму враќањето на македонскиот напаѓач во плановите на тренерот може да го натера Ренџерс да се откаже од идејата за негова продажба во јануари.

Иако Миовски и понатаму е заинтересиран за трансфер во клуб каде би имал загарантирана поголема минутажа, во Ренџерс сега гледаат на него како важна опција поради кадровските проблеми во нападот.