Престијани по инцидентот со Вини се врати на терените и доби овации од фановите!

Жозе Мурињо беше задоволен по убедливата победа на Бенфика од 4-1 против Мореиренсе, а посебно го пофали Џанлука Престијани кој доби овации од трибините по влегувањето во игра.

Аргентинецот се врати на теренот по суспензијата од шест натпревари која му ја изрече УЕФА по инцидентот со Винициус Јуниор на дуелот против Реал Мадрид во Лигата на шампионите.

Мурињо не сакаше да навлегува во деталите околу случајот.

„Што се однесува до казната, слушнав многу коментари кога игравме со Реал и сега чекам да слушнам што ќе кажат тие што тогаш зборуваа. Затоа не би сакал да коментирам“, изјави Португалецот.

Тој сепак истакна дека Престијани целосно ги заслужил аплаузите.

„Да бев на трибините, и јас ќе аплаудирав. Има одлична сезона, многу напредуваше, тактички е силен и ја разбира играта. Кога дојдов не беше подготвен за ова ниво, но сега се разви и затоа навивачите го ценат“, додаде Мурињо.

20-годишниот офанзивец пристигна во Бенфика од Велез Сарсфилд во 2024 година и сезонава има 3 гола и 5 асистенции на 38 натпревари, а веќе дебитираше и за сениорската репрезентација на Аргентина.