Преседан во Хрватска: Сите дербија во ХНЛ ќе ги судат елитни странски судии!

По турболентната недела во хрватскиот фудбал, тамошниот фудбалски сојуз се реши за историски потег.

Аферата „ВАР-ликс“ остави длабока трага во хрватскиот фудбал. Незадоволството на клубовите од судењето и онака беше големо, а протекувањето на снимки од комуникацијата меѓу судиите забрза некои процеси. Се очекуваа конкретни потези од Хрватскиот фудбалски сојуз, кои брзо беа повлечени. Имено, до крајот на сезоната од Хрватската фудбалска лига, сите дерби натпревари ќе ги судат елитните судии од Лигата на шампионите, дознава „Спортске новости“.

Станува збор за меѓусебни натпревари во кои ќе се сретнат кандидатите за шампионската титула Динамо, Хајдук и Риека. Затоа, претседателот на ХНС, Марин Кустиќ, реши да стави крај на сите приказни за судиите и судиските грешки, особено во сезоната која многумина ја доживуваат како највозбудлива во поновата историја на домашната лига, со тројца аспиранти за шампионската титула.

Дополнително, ХНС формираше посебна експертска комисија за анализа на спорните ситуации од снимките од ВАР, кои се појавија во јавноста последните денови.