• Иван Димовски
Несекојдневна одлука пристигна од Бразил, каде што Врховниот спортски арбитражен суд му изрече казна која е преседан на фудбалерот на Интернасионал, Виктор Габриел, по тешкиот старт врз Габриел Пек од Крузеиро.
Инцидентот се случи во 58. минута од натпреварот, кога дефанзивецот со отворен ѓон опасно стартуваше врз противничкиот играч. Пек се здоби со длабоки расекотини од копачките и скршеница на потколеничната коска, по што веднаш беше пренесен во болница и опериран.
Victor Gabriel recebe cartão vermelho direto por entrada muito forte em Gabriel Pec.#futebol #internacional #cruzeiro #brasileirão #ge pic.twitter.com/wGkk5nS58J
— ge (@geglobo) July 23, 2026
Судијата на натпреварот веднаш му покажа директен црвен картон на Габриел, но бразилските спортски власти оценија дека вообичаената суспензија не е доволна. Поради тоа, Врховниот спортски арбитражен суд одлучи фудбалерот на Интернасионал да нема право на настап сè додека Пек не закрепне и не добие дозвола повторно да тренира.
Според првичните лекарски проценки, закрепнувањето на повредениот фудбалер може да трае до шест месеци, што значи дека и Виктор Габриел би можел да паузира приближно ист временски период.



