Преодниот рок меѓу две сезони ќе трае осум месеци?

Иако невозможно е прецизно да се предвиди до кога ќе трае пандемијата со ковид-19 и кога ќе се создадат услови за враќање на фудбалските натпреварувања, организаторите се обидуваат да предвидат некои битни елементи за доигрување на сезоната и безболно влегување во новата. 

Претстојниот летен преоден рок би траел дури осум месеци, што е единствено разумно решение во овој момент. Одложувањето натпревари значи големи финансиски загуби за клубовите, па подолг преоден рок ќе значи мало олеснување за некои од клубовите. Во име на сите клубови, најпрестижните побараа од ФИФА да дозволи летниот преоден рок да биде продолжен за клубовите да имаат доволно време да ги реализираат своите трансфери цели.

Така, следниот преоден рок ќе ги поврзе и летниот и зимскиот и би траел до 31 јануари. ФИФА го разгледува предлогот и голема е веројатноста дека ќе го прифати.