ВИДЕО: Премиерлигашко деби за Алиоски, Лидс во луд меч со СЕДУМ гола го реши Фулам!

Второ коло и нов луд меч на фудбалерите на Лидс Јунајтед во Премиер лигата. Ако на отворањето на сезоната со 4-3 загубија на „Енфилд Роуд“ од шампионот Ливерпул, денес со идентичен резултат во својот дом го совладаа тимот со коj заедно се пласираа во елитата, Фулам. 

  • Извештај од натпреварот: 

Момците на Марсело Биелса повторно одиграа одличен натпревар и покажаа дека поседуваат голем квалитет, но мораат да се подобрат во дефанзивата. Не само затоа што примија три гола, туку истите грешки како со Ливерпул се повторуваат (многу празнина меѓу бековите, лоша дуел игра, непотребни прекршоци...).

Како и да е, она што ги радува фановите на Лидс е извојуваната победа во Премиер лигата, по пауза од цели 16 години. А, првиот премиерлигашки гол на „Еланд Роуд“ го постигна Хелдер Коста уште во 5. минута, откако со „бомба“ ја скина гостинската мрежа. Сепак, новопечениот германски репрезентативец Робин Кох како и против Ливерпул направи пенал, но рака на срце овој против Фулам беше непостоечки.

<<< ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Комичен пенал за Фулам, англиските судии продолжуваат со ланските глупости!

Александар Митровиќ, кој денес за првпат беше стартер за Фулам во Премиер лигата, биеше прецизно и израмни на 1-1, но по само седум минути игра најстрога казна имаше и на спротивната страна. Сигурен реализатор беше Клих и Лидс на полувреме замина со водство од 2-1.

Само што започна вториот дел следуваше нов шок за гостите од Лондон, па Бамфорд со прекрасен погодок го најави триумфот на својот тим, а судбината на Фулам ја запечати Коста со својот втор денешен гол.

Но, ако се очекуваше Лидс рутински да го доигра натпреварот, на сцена стапи дефанзивата на домашниот тим. Бековската линија Далас, Кох, Купер и Ејлинг повторно потфрли и двапати капитулираше за само пет минути (Рид и Митровиќ). Сепак, на нивна среќа Фулам немаше сили за уште еден погодок, па трите бода останаа во Јоркшир. 

Нашиот репрезентативец Езџан Алиоски повторно беше резерва, но влезе во 70. минута и го запиша својот дебитантски настап во најсилната фудбалска лига на светот.