Премиерлигаш се соочува со финансиска катастрофа ако испадне, ќе загуби 300 милиони евра!

Помислата дека еден од шесте најбогати клубови во Премиер лига би можел да испадне во понизок ранг би требало да биде речиси невозможна со оглед на огромните ресурси со кои располага. Сепак, десет кола пред крајот на сезоната Тотенхем има само бод повеќе од Вест Хем Јунајтед, кој е на 18. место, а формата на тимот е толку слаба што е тешко да се предвиди од каде би можеле да дојдат потребните бодови за опстанок.

Со оглед на тоа што Вулверхемптон и Барнли речиси сигурно ќе ги заземат последните две места, а и клубови како Вест Хем, Нотингем Форест и Лидс Јунајтед се во опасност, Спарс сепак не се главни фаворити за испаѓање. Но, ризикот е огромен.

Тотехем минатата година остварија приход од 800 милиони евра, што според извештајот на УЕФА за финансиското и инвестициското окружување на европските клубови ги постави на деветтото место во Европа. Тој приход би претрпел сериозен удар доколку клубот испадне во Чемпионшип. Според анализата на „Би-Би-Си“, вкупното намалување би можело да достигне дури 300 милиони евра.

Едно од клучните подрачја би биле приходите од билети, кои на клубот му донеле 150 милиони евра, петти најголем износ на континентот. Тотенхем моментално наплатува просечно 76 фунти по навивач за секој домашен натпревар. Но, клубот едноставно нема да може да наплатува ист износ за натпревар против, на пример, Линколн Сити, а веројатно би дошло и до пад на посетеноста.

Драстично би се намалиле и приходите од телевизиски права, бидејќи клубот повеќе не би имал пристап до парите од профитабилните домашни и меѓународни договори на Премиер лигата. Десетиците милиони евра што ги заработуваат од ТВ правата за Лига на шампиони би се сведеле на нула – освен ако не го освојат тоа натпреварување. Тоа би им обезбедило место во Лигата на шампиони и следната сезона, дури и ако играат во второлигашка конкуренција.

Понатаму, рекордните комерцијални приходи на клубот од 310 милиони евра би претрпеле значителна штета. Спонзорските договори со компаниите „Најк“ и „АИА Груп“, заедно вредни околу 80 милиони евра годишно, би имале намалена вредност поради клаузули поврзани со испаѓање. Играњето четири дополнителни домашни натпревари во Чемпионшип би можело да влијае и врз можноста Тотенхем да организираат други профитабилни настани и концерти на својот стадион, на кои клубот значително се потпира.

Тотенхем минатата година забележа загуба од 148 милиони евра, а ризикот од уште поголеми загуби во случај на испаѓање е очигледен. Во некои сегменти трошоците би се намалиле. Се наведува дека договорите на играчите содржат клаузула за намалување на платите за 50 проценти во случај на испаѓање. Ако тоа е точно, минатогодишниот рекорден трошок за плати од 318 милиони евра би можел да се преполови на 159 милиони евра.

Сепак, многу други трошоци би останале исти, а потенцијално и би се зголемиле. Еден од главните финансиски проблеми со кои се соочуваат клубовите се растечките оперативни трошоци, кои вклучуваат комуналии, превоз, осигурување и администрација. Минатата година Тотенхем иамше трет најголем оперативен трошок во Европа – околу 300 милиони евра. Многу од тие сметки нема да се намалат со играњето во понизок ранг. Трошокот за струја за ноќен натпревар против Норич Сити во Чемпионшип е ист како и за дуел со Њукасл Јунајтед во Премиер лигата.

Клубот минатата година имал и 877 постојано вработени, што е 12. најголем број во Европа. Ако не дојде до отпуштања, лондонскиот тим ќе мора да продолжи да исплаќа врвни европски плати иако не игра во највисокиот ранг на англискиот фудбал. Дали ова ќе се оствари, ќе дознаеме до крајот на мај.