Премиер лигата воведува новитет, судиите јавно ќе соопштуваат ВАР одлуки

Челниците на Премиер лигата од следната сезона ќе воведат интересен новитет поврзан со судиските одлуки донесени по преглед на ВАР снимка. 

Како што тоа е случај во неколку спортови во САД, а најавена е имплементација и во Бундеслигата, така и во Премиер лигата судиите своите одлуки по проверка на ВАР снимките ќе ги соопштуваат на целиот стадион. Така, ако еден судија гледа снимка за одредена ситуација, задолжен ќе биде да ја соопшти одлуката на присутните говорејќи директно преку разгласот на стадионот. 

„Веруваме дека тоа е најпрецине систем. Морам да признаам, земајќи ги в предвид потешкотиите кои ги имавме во првите неколку месеци осезоната се сомневав во ова. Сепак, постигнат е голем напредок во последните четири до шест седмици“, прокоментира директорот на фудбал во Премиер лигата, Тони Сколс.

Оваа технологија веќе се тестираше за време на натпреварите од Лига Купот, а првото јавно соопштување на одлука беше поништен гол за Тотенхем на дуелот со Ливерпул.