Премиер лигата в сабота ќе го тестира ВАР-системот на пет натпревари

Како што и претходно беше најавено, ВАР системот веќе в сабота ќе биде тестиран на пет натпревари од Премиер лигата, кои ќе се играат од 16.00 часот.

ВАР системот веќе е дел од повеќето европски лиги, а беше и дел од Мундијалот во Русија, каде челните луѓе на ФИФА по неговото завршување изразија задоволство од неговата примена. Првите луѓе на Премиер лигата сè уште се сомневаат во употребата на видео технологијата, но сепак прифатија истата да ја тестираат.

Тест ВАР-системот ќе ги анализира ситуациите при евентуален пенал, директен црвен картон, при постигнувањето на головите и евентуална судиска грешка. Премиерлигашите уште во месец април гласаа против воведување на ВАР во Премиер лигата во сезоната 2018/19 година, но како и минатата година ќе се користи на натпреварите од ФА Купот и Лига Купот.