• Зоран Мишевски
Англиската Премиер лига, заедно со шпанската Примера, обезбедија пет места во Лигата на шампионите за сезоната 2025/26 поради најдобриот коефициент на УЕФА. Во новиот систем на натпреварување, откако Лигата на шампионите е проширена од 32 на 36 клуба, две дополнителни места секоја сезона одат во лигите со најдобар коефициент.
Болоња и Борусија Дортмунд профитираа од ова правило минатата година, бидејќи завршија петти во Серија А и Бундеслигата и добија директно промовирање во елитата. Сега англиската и шпанската лига добија право на пет претставници, но Англија ќе има дури шест во Лигата на шампионите следната сезона.
Познато е дека победникот од Лига Европа оди директно во Лигата на шампионите, а бидејќи Манчестер Јунајтед и Тотенхем синоќа го обезбедија своето место во финалето на тоа натпреварување, работата е јасна. Во Премиер лигата, Манчестер Јунајтед е само петнаесетти на табелата, додека Тотенхем е на шеснаесеттата позиција и јасно е дека не можат да ја завршат сезоната меѓу првите пет екипи, па ова го отвори патот за Англија да испише историја со шест клуба во Лигата на шампионите.
Финалето на Лига Европа ќе се игра на 21 мај во Билбао.