Премиер лига 2018/19: Може ли некој да им застане на патот на Гвардиола и Манчестер Сити?

Премиер лига старт

Од 2009 година, па се до денес, ниту една екипа не освоила две титули во низа во Премиер лигата. Таква шанса ќе има Манчестер Сити кој изгледа моќно во пресрет на новата сезона, а истата ќе биде отворена вечерва со дуелот на „Олд Трафорд“ помеѓу Манчестер Јунајтед и Лестер Сити.

„Граѓаните“ на Пеп Гвардиола одиграа рекордна година во англискиот фудбал и со 32 победи и притоа 106 постигнати гола убедливо застанаа на врвот на табелата. Доаѓањето на Ријад Марез дополнително ќе ја зголеми опасноста во тимот од „Итихад“, кој ќе го започне англискиот шампионат со тешко гостување кај Арсенал.

Токму „топџиите“, заедно со новиот тренер Унаи Емери, се дел од неколкуте екипи кои би можеле да им направат проблеми на фудбалерите на Гвардиола. Тука се уште и Ливерпул со Јирген Клоп и со засилувањата Фабињо, Џердан Шаќири и Наби Кеита, а ново лице ќе се појави и на тренерската клупа на Челзи. „Сините“ оваа година ќе ги води Маурицио Сари, кој се раздели со Тибо Куртоа, но затоа го доведе Кепа од Атлетик Билбао за рекордни 80 милиони, Жоргињо од Наполи и Матео Ковачиќ на едногодишна позајмица од Реал Мадрид.

Манчестер Јунајтед заврши на второто место минатата сезона, што е подобар пласман во однос на претходните шест години. Сепак, Жозе Мурињо е фрустриран од недостатокот на засилувања во тимот кои тој лично ги побара од раководството, но истите не ги доби. Фред од Шахтјор е единственото познато ново име кај „ѓаволите“. Без нови трансфери остана и Тотенхем на Маурицио Почетино, кој се надева конечно дека ќе успее да се искачи на самиот врв од премиерлигашката табела.

Фаворити од сенка, поточно екипи кои ќе се борат за последните неколку места за Европа, се Вест Хем и Евертон, а новајлии оваа година се Фулам, Кардиф и Вулверхемптон.

Обложувалниците предвидуваат нова лесна титула за Сити на Гвардиола, како и нов индивидуален блесок на Хари Кејн, кој ја предводи листата на фудбалери кои се кандидати за „Златната копачка“.