• Редакција Gol.mk
Крајот на есенската полусезона во Втората фудбалска лига (ВМФЛ) заврши неславно. Се играше по натопени терени и невозможни услови, а еден натпревар имаше долг прекин и не го дочека крајот.
Натпреварот помеѓу Каменица Саса и Скопје беше прекинат во 70. минута при резултат 1-1. Причина за немилите сцени е напад на претставници на Скопје веднаш до теренот, во делот пред соблекувалните. Неслужбени лица влегоа во конфликт дури и со фудбалери, конкретно со гостинскиот голман. Судиите брзо се одлучија за прекин заради нарушена безбедност на актерите на натпреварот.
„Натпреварот е прекинат во 71. минута поради влегување на неофицијални лица на теренот за игра. Беа нападнати играчи на гостинската екипа. На натпреварот беа присутни само пет полицајци. По чекање од триесет минути не стигна побараното засилување и натпреварот не продолжи поради недостаток на безбедносни услови“, напиша делегатот во својот извештај.
Натпреварот се играше без присуство на гледачи, но имаше многу организациони пропусти и со сигурност Каменица Саса ќе претрпи казни.
Пред овој натпревар Саса имаше 25, а Скопје 20 бода.