„Предолго чекам повик од Франција, ќе прифатам ако ме повика Италија или Шпанија“

Тео Хернандез е еден од фудбалерите кои блесна во Милан, по трансферот од Реал Мадрид. 23-годишникот игра на високо ниво, се најде во најдобриот тим на минатата сезона, а веќе некое време чека на повик да заигра за репрезентацијата на Франција. 

Во повеќе наврати левиот бек нагласи дека сака да заигра за својата родна земја, но Дешамп сè уште не му доделил повик. Хернандез има опција да игра и за земја чие државјанство веќе го поседува, а во последното интервју најави дека би можел да заигра и за Италија. 

„Репрезентативен фудбал? Мојот агент ми предложи да поразговара со селекторите на Италија и Шпанија, а јас му дозволив. Сметам дека долго го чекам повикот од Франција, кој според мене одамна го заслужив, но Дешамп си има свои проценки. Потеклото ме влече кон Франција и Шпанија, но Милан ме врзува со Италија. Зависи кој прв ќе ме повика, ако тоа биде Италија, со задоволство би зел државјанство“, изјави Хернандез за „АС“. 

Перспективниот офанзивен бек веќе има настапи за младинските селекции на Франција, но повикот за сениорите сè уште недостига. Сепак, ако Хернандез продолжи да игра на ова ниво и заигра за Италија или Шпанија, „триколорите“ дефинитивно ќе имаат за што да жалат.