„Пред три години бевме навивачи на „Камп Ноу“, а сега ќе играш за клубот од соништата“

Френки Де Јонг е најновото засилување на шпанскиот фудбалски првак Барселона, а трансферот на холандскиот фудбалер во таборот на каталонскиот гигант со емотивна порака го проследи девојката на играчот.

Мики Кименеј му честита на фудбалерот за трансферот во Барселона и истакна дека шансата Де Јонг да игра за овој клуб е вистинско остварување на сонот.

„30 декември, 2015 година - пред три години доаѓавме на „Камп Ноу“ како навивачи и гледавме натпревар на Барселона. Сега, јануари, 2019 година, дојде денот кога можеш да кажеш дека си го оствари сонот. Ќе играш за клубот од соништата. Едвај чекам заедно да уживаме во секоја твоја минута во Барселона“, напиша Кименеј.

Де Јонг ќе ја заврши актуелната сезона во Амстердам, а во редовите на Барселона ќе пристигне во текот на летниот преоден рок.