Пред седум години му донесе титула на Јунајтед, а сега едвај пронајде нов клуб

Федерико Македа

Сигурно секој фан на Манчестер Јунајтед нема да го заборави Федерико Македа – некогашната голема надеж на Сер Алекс Фергусон, кој на своето деби во 2009 година го постигна победничкиот гол за „црвените ѓаволи“ на дуелот против Астон Вила (3-2), гол за многумина беше одлучувачки за шампионската титула таа сезона на Јунајтед.

Сепак, иако му се предвидуваше светла иднина на „Олд Трафорд“ Италијанецот од сезона во сезона играше сè полошо и во 2014 година како слободен играч премина во редовите на Кардиф. Во Велшкиот тим настапуваше две години, но и таму разочара и од ова лето остана без клуб.

26-годишниот напаѓач во септември му се нудеше на Палермо и Наполи, но и од таму беше одбиен, па на крај ќе мора да се задоволи со фудбал во Серија Б, откако вчера до крајот на сезоната потпиша договор со тимот на Новара. 

За италијанскиот напаѓач, кој потекнува од школата на Лацио, ова ќе биде второ враќање во Италија, откако во 2011 година како позајмен играч на Јунајтед играше за Сампдорија, а во текот на својата кариера настапуваше и за КПР, Штутгарт, Донкастер, Бирмингем и Нотингем Форес.