• Иван Димовски
Астон Вила успешно се пласираше во осминафиналето на англискиот Лига Куп откако славеше со 1-2 против третолигашот Викомб Вондерерс. Стрелци за тимот на Унаи Емери беа Емилијано Буендија во 55. минута и Џон Дуран во 85. минута.
Утешниот гол за поразениот тим го постигна Ричард Коне во судиското надополнување. Напаѓачот од Брегот на Слоновата Коска го привлече вниманието на медиумите на Островот бидејќи неговата фудбалска приказна е исклучително интересна.
Сега 21-годишниот професионалец играше за бездомничката репрезентација на својата земја пред само пет години.
На тој турнир ги импресионираше скаутите, но поради проблеми со визата и работната дозвола не можеше да игра професионален фудбал. Четири години играше во деветтиот степен на натпреварување во Англија, каде постигна 88 гола на 104 официјални настапи за Атлетик Њухам. Конечно, Коне ја доби својата шанса во Викомб и досега оваа сезона постигна четири гола.