Пред десет години беа при европскиот врв, а денес испаднаа во трета лига

Во 2013 година, Малага беше вистинска сензација во Европа и многу респектабилен тим во Шпанија. Денеска е нешто сосема спротивно и од следната сезона ќе игра во третата лига на шпанскиот фудбал.

Во 41. коло од шпанската Сегунда, Малага беше поразена со 2-1 кај Алавес и дефинитивно е патник во третиот ранг од натпреварувањето. Алавес поведе во 46. минута преку Виљалибре, а Муњоз во 77. минута израмни на 1-1. Но, Моја во самиот финиш му донесе победа на Алавес.

По овој натпревар Малага е 19-та на табелата со 43 бода и пред крајот на колото има седум бода помалку од Б тимот на Виљареал и Хихон и нема шанси да ги стигне.

Покрај Малага испаѓаат уште Луго, УД Ибица и Понферадина. Фановите на Малага сигурно сè уште се сеќаваат на 2013 година кога тимот играше во четвртфиналето на Лигата на шампионите и беше несреќно елиминиран од Борусија Дортмунд.

Претходно елиминиран беше Порто во осминафиналето, а во групата Ц заврши како лидер со дванаесет бода, пред Милан, Зенит и Андерлехт.