• Иван Димовски
Фудбалерите на Лече и Лацио одиграа реми без погодоци (0-0) на „Виа дел Маре“ во рамките на 22. коло на Серија А.
- Извештај од натпреварот:
„Млекарите“ освоија бод по четири последователни порази, па конечно им се исплати стабилната игра. Во претходните две рунди на калчото Лече губеше со по 1-0 од Интер и Милан во натпревари во кои долго парираше, а губеше со голови во последната фаза од мечот. Од друга страна, Лацио пак се покажа како „здодевен“ гостин. Тимот на Маурицио Сари оваа сезона на десет гостински натпревари даде шест и прими седум гола, што е бројка од вкупни 13 и е најниска во „топ пет“ лигите.
Сега против Лацио одново избраниците на Еузебио Ди Франческо беа конкурентни. Во првиот дел дури беа поблизу до гол со шансите на Ласана Кулибали и Илбер Рамадани. Гостинот од Рим најдобрата шанса ја имаше на стартот на вториот дел преку Булаје Диа, меѓутоа голманот Владимиро Фалконе беше на висината на задачата. Во завршницата се играше со отворен гард, а по една шанса на двете страни имаа Рикардо Сотил и Кенет Тејлор,но резултатот не се менуваше.
Лацио има 29 бода и се наоѓа на деветтата позиција, додека Лече со 18 е седумнаесетти.










