Празно реми во Битола, Пелистер и Силекс си поделија по бод

Екипата на Пелистер втор натпревар во низа не успева да го искористи домашниот терен и во последниот натпревар од 21 коло во ПМФЛ одигра без победник против кратовски Силекс. Поделбата на бодовите не донесе промени на табелата кај двете екипи – кратовци остануваат четврти, додека „зелено-белите“ и понатаму се во опасната зона за испаѓање со два бода помалку од „лавовите“ од Ѓорче.  

Во отсуство на капитенот Стефан Спировски, шанса од првата минута доби младиот Давид Ангелевски, додека во првиот тим се врати и најдобриот стрелец на пелистерци сезоната, Булатовиќ. 

Токму српскиот ас, кој на претходните два домашни дуели постигна вкупно четири гола ја имаше првата шанса на натпреварот пред скромната бројка на навивачи на трибините во Битола. По еден центаршут на Бошковски, 27-годишниот офанзивец биеше со глава, но само во блокот. 

Пелистер во поголемиот дел од полувремето имаше контрола на теренот, додека Силекс изненадувачки беше порезервиран и чекаше грешка на домаќинот. Во самиот финиш битолчани влегоа во нов налет. Блокот одново беше сојузник на Џеков, овој пат по ударот на Ангелевски, додека најголемата шанса ја испушти Булатовиќ, кој од само неколку метри биеше покрај гостинскиот гол. 

Второто полувреме започна со тактичко надмудрување на теренот. Двете екипи играа порезервирано, па првата шанса пристигна дури во 60. минута. Пиреш мајсторски го проигра Мирчевски, кој излезе сам пред Јовчевски и шутираше од прва, но младиот битолски голман со рефлексна интервенција не дозволи гостинска радост. 

Десет минути подоцна португалскиот офанзивец неочекувано се најде во ситуација да се закани и шутираше од далечина, но тоа го направи многу лошо и пропадна уште една можност на Силекс да поведе во Битола. 

Стојановски и Васоски ги променија картите, со играчи од клупата ги освежија своите тимови, но мрежите на битолскиот стадион останаа незатресени и двете екипи на крај мораа да се задоволат со по еден освоен бод. 

Во следното коло Силекс ќе го пречека лидерот Вардар, додека Пелистер ќе го игра „братското“ дерби со Тиквеш