Правдата задоволена: Кожуф со службен резултат од 3-0 го доби Тиквеш

Вчера, екипата на Кожуф поднесе жалба до Фудбалската федерација на Македонија поради прекршување на правилата од страна на ФК Тиквеш, за време на меѓусебниот нивни дуел од Втората лига – Исток. 

На овој дуел кавадаречкиот клуб го прекршил правило на ФФМ (сите клубови учесници во натпреварувањето во вторите лиги првото полувреме мора да го започнат и да го завршат со два фудбалери, од кои едниот фудбалер да нема навршено 21 година, а другиот да нема навршено 19 години), откако во 44. минута од игра повлекол еден од младинците, на што денес комисијата при фудбалската куќа на фудбалот одлучи да го поништи резултатот од 1-1 и натпреварот да го добие Кожуф со службени 3-0.

Со овие три бода гевгеличани се искачија на третата позиција од ВМФЛ-Исток и сега пред водечката Беласица заостануваат 6 бода, а 4 пред второпасираната Брегалница.