Прашка Славија го позајмува Трапановски на второлигашот Славој Вишеград?

Младинскиот репрезентативец на Македонија, Кристијан Трапановски најверојатно следната сезона ќе биде позајмен од Славија Прага во чешкиот второлигаш Славој Вишеград.

20-годишниот битолчанец, кој е стандарден во составот на Милевски во У21 селекцијата, пред две години од струмичка Академија Пандев се пресели во редовите на славната Славија. Тогаш Трапановски потпиша тригодишен договор, а од клубот изразија задоволство што во своите редови успеале да донесат таков талент.

Сепак, конкуренцијата е силна и на Трапановски му е потребна средина во која ќе игра со континуитет и веројатно ќе ја одбере екипата на Славој. Интерес за Трапановски постои и од клубови од Австрија, Норвешка и Словачка.

Инаку, фудбалерот е продукт на школата Талент од Битола и мина низ сите младинските категории на нашата национална селекција.