• Иван Димовски

Холандското дерби меѓу Ајакс и Феенорд го прекинаа навивачите на домашниот тим во Амстердам, незадоволни од негативата од 0-3 против ривалот. Поради хаос и пиротехника на теренот, дуелот на „Јохан Кројф Арена“ беше прекинат во 55. минута. Деликвенцијата продолжи и надвор од стадионот, бидејќи незадоволните навивачи на Ајакс беа бесни.
При прекинот беше нејасно дали натпреварот ќе се регистрира со службена победа на гостите или ќе се доигра. Одлуката падна на „зелена маса“. Сега, Фудбалскиот сојуз на Холандија го договори продолжението на дуелот. Донесена е одлука мечот меѓу Ајакс и Феенорд да се доигра од 55. минута в среда во 14:00 часот пред празни трибини во Амстердам.
Сепак, на оваа одлука негодува домаќинот, како и Волендам. Причината е фактот дека за в среда беше закажан заостанатиот дуел меѓу Ајакс и Волендам.