Познато име се враќа на клупата на Беласица!

Фудбалскиот клуб Беласица преку социјалните мрежи извести дека Александар Стојанов е старо-нов тренер на струмичката фудбалска гордост. Стојанов на клупата на Беласица ќе седне на местото на Васе Беќаров, кој пред два дена спогодбено го раскина договорот со клубот.

„После сезона и половина Стојанов повторно се враќа како главен тренер на нашиот тим. Под негово водство во сезоната 21/22 бевме на чекор до пласман во Првата лига, откако што во баражот несреќно бевме поразени од Скопје.

Во моментов тој беше координатор на младинската школа и со успех ја водеше низ оваа полусезона, а оваа функција паралелно ќе продолжи да ја извршува и во иднина. Исто така тој е и единствениот наш тренер кој е носител и на про-лиценца“, се вели во објавата на клубот.

Инаку, Стојанов има и завидно тренерско искуство. Тој во минатото одработи два мандати како шеф на стручниот штаб на Беласица, додека во таборот на Академија Пандев беше помошник тренер и координатор на школата.