Познати тринаесет патници на Мундијалот во Катар, десет се од Европа

Ноемвриските квалификации завршија и познати се тринаесет патници на следното Светско првенство во Катар, кое ќе се одигра точно за една година. Мундијалот кој по многу нешта ќе биде различен од претходните (поради топлите денови во Катар во јуни и јули, истиот ќе се одигра во ноември и декември), веќе ги доби првите учесници, а очекувано најголемиот дел доаѓаат од стариот континент, затоа што завесата од квалификациите е спуштена.

Така, засега се знаат десет од тринаесетте селекции од Европа кои што ќе настапат на овој собир. Германија и Данска виза обезбедија уште во октомври, а ним им се придружија уште Франција, Белгија, Хрватска, Србија, Шпанија, Англија, Швајцарија и Холандија. За европските селекции има уште три слободни места, а ќе ги пополнат учесниците во баражот, каде што за првпат се најде и нашата селекцијата. 

Во мартовскиот бараж турнир пат до Катар ќе бркаат: Португалија, Шведска, Италија, Украина, Велс, Шкотска, Турција, Русија, Полска, Македонија, Чешка и Австрија.

Познати се и два патника од Јужна Америка, каде квалификациите сè уште траат. Очекувано, тоа се Бразил и Аргентина, па така двата големи ривали со домаќинот Катар ја комплетираат бројката од досега тринаесет познати учесници на следното Светско првенство.