• Мартин Танасковски
Првиот шампион во водечките европски првенства оваа сезона веќе е познат, откако ПСВ Ајндховен ја одбрани титулата во холандската Ередивизија на пет кола пред крајот на шампионатот. За клубот од Ајндховен ова е вкупно 27-ма титула во националното првенство.
ПСВ ја завери шампионската круна по драматичната победа од 4-3 против Утрехт, со што создаде недостижна предност од 18 бодови во однос на најблискиот конкурент Феенорд. Тимот од Ротердам не успеа да слави на гостувањето кај Волендам, одигра без голови, со што и математички беше потврден новиот шампион.
Под водство на тренерот Петер Бош, ПСВ стигна до третата последователна титула, демонстрирајќи доминација во текот на целата сезона. И покрај одреден пад во формата во завршницата, тимот задржа високо ниво на резултати.
На пет кола пред крајот, ПСВ се наоѓа на врвот со 71 бод, остварени преку 23 победи, две ремија и четири порази. Феенорд е втор со 54 бодови, само еден повеќе од изненадувањето на сезоната НЕЦ Најмеген, додека Ајакс се наоѓа дури на петтата позиција со 48 освоени бодови.



