Познат датумот кога Алиоски ќе ја донесе конечната одлука околу својата иднина

Алиоски Езџан

Кариерата на Езџан Алиоски би можела да продолжи во Премиер лигата, според последните најави од англиските медиуми.

Претходно постојано македонскиот репрезентативец беше поврзуван со Галатасарај. Но, проблемите со кои се соочува турскиот гигант би можеле да го натераат на крај да ја прифати новата понуда на Лидс Јунајтед и да остане на „Еланд Роуд“. 29-годишникот најверојатно ќе почека до крајот на Европското првенство, за да ја донесе конечната одлука. Добар настап со Македонија може да промени многу работи во текот на овој месец.

Моменталната ситуација ќе го натера да чека до 11 јули, кога официјално ќе заврши континенталниот собир. Тоа значи дека до средината на јули ќе знае каде ќе игра наредната сезона и каде треба да се упати по годишниот одмор за да започне со подготовки.

Алиоски одигра на триесет натпревари во дресот на Лидс, кој запиша успешна сезона која ја заврши на деветтото место во премиерлигашката елита. За време на престојот во Англија, нашиот интернационалец има запишано 22 гола и 19 асистенции.