Позитивен тест на ковид-19 во ПЛ ќе се третира како најобична повреда

Челните луѓе на Премиер лигата напорно работат и преговараат со Владата во оваа земја за враќање на фудбалот и разврска на првенството. Иако Ливерпул беше апсолутел лидер, со 25 бодови предност пред Манчестер Сити, останува да се реши прашањето за патниците во евро-куповите каде битката е голема. 

Веќе утре се очекува состанок на челните луѓе и можно е да бидат изнесени повеќе информации за евентуалното продолжување на сезоната. 

Според пишувањето на угледниот „Дејли Меил“, медицинските лица на Премиер лигата сметаат дека првенството ќе може да се игра дури и во случај да има заразен фудбалер или член на клупската управа. 

Тие наведоа дека позитивен тест на вирусот ковид-19 ќе се третира исто како и било која друга повреда досега. Дури се шпекулира и дека соиграчите не би биле испраќани во изолација, бидејќи биле изложени на заразена личност, а проблем би настанал само доколку поголем број фудбалери имаат коронавирус. 

Во Премиер лигата ќе биде претставен протокол за безбедност, според кој сите засегнати ќе се тестираат по двапати неделно.